Шато Камник

Адреса: 
Адреса: Камник бб, 1000 Скопје
Телефон: 
+ 389 2 5111 252; + 389 2 2522 039

Шато Камник е една од најпрестижните винарии во Македонија која тежнее кон производство на најдобри вина добиени од богатиот македонски тероар. Лоцирана е на излезот од Скопје, опкружена со лозови насади, со прекрасен поглед на градот. 

       
Илија Малинковски, сопственикот на Шато Камник, е вистински љубител на вино и во својот ресторан Хантерс лоџ, или Камник, има убава колекција на странски вина. Ама, господин Ики, како што е пошироко познат, од секогаш знаел дека еден ден ќе направи сопствена винарија со сопствено лозје! Целта му била да произведува вина со врвен квалитет. И така, во 2004-та започнал самиот да произведува вина. Отпрвин само каберне совињон во ограничени количини, кое се продавало само во неговиот ресторан. Во истата година почнал да засадува лози на ритчињата околу ресторанот, а една година подоцна ги направил своите први Шардоне и Мерло, на воодушевување на муштериите.

Со бербата во 2008-та, грозјето на Шато Камник речиси целосно доаѓа од сопствените насади и денес е речиси доволно за целокупното производство. Во меѓувреме e изградена и винаријата во форма на замок на врвот на ритчето, меѓу лозјата, со прекрасен поглед на градот Скопје. Во прекрасниот вински подрум на винаријата, виното созрева во дабови буриња од француски, американски и унгарски даб. Капацитет и производството на винаријата е 120.000 литри. 

   

Денес винаријата поседува 13 хектари на лозје кои ја обиколуваат винаријата, каде се засадени нови клонови на црвени и бели сорти. Земјаќи ја во предвид историјата на целиот проект, насадите се сеуште млади, освен мерлото, вранецот и кабернето кои се стари речиси 20 години. Винаријата спаѓа во скопското виногорје, каде климата се карактеристизира со долги и топли лета, и релативно благи зими, кои се клучни за добивање на богати и зрели вина. 

Лозовите насади се засадени во локалитетот Камник, од каде и винаријата го добива свето име. Типот на почва во овој локалитет е црвеница, а насадите се следниве: 12%, Cabernet Sauvignon, 11%, Syrah 18%, Cabernet Franc и Carmenere 6%, малку познатата француска сорта Arinarnoa е застапена со 3%, Sangiovese 4% и Montepulciano 3%. Од белите сорти 11% отпаѓаат на Chardonnay, 10% Sauvignon Blanc, 5% Pinot Grigio, 4% Gewürztraminer додека Temjanika и Greco di Tufo се застапени со 16%.

Половина од производството се продава на домашниот пазар, и како такво, останува водечка реклама за врвни македонски вина. Камник вината може да се најдат во продажба во подобрите ресторани ширум земјата, нивната продавница лоцирана во центарот на Скопје, во ресторанот Хантерс лодџ кој се наоѓа веднаш до винаријата, како и во специјализираните продавници за вино и алкохол ширум земјата. Освен тоа, нивните вина може да се купат и на нивниот web site www.wine.mk, каде може да се купат и вина од останати македонски и интернационални винарии.