Бовин

Адреса: 
Индустриска зона, 1440 Неготино
Телефон: 
+389 43 365 322; + 389 43 371 322;

Винаријата Бовин е основана во 1998 година од браќата Кирил и Ѓорѓи Богевски и е првата приватна винарија во Македонија. Започнувајќи со скромен капацитет од 120.000 литри, на исклучиво квалитетно вино, во 1999-та година своето прво вино го продаваат за цена шест пати поголема од онаа на Т’га за југ, водечкото вино во тоа време. Од таму почнува приказната на производство на квалитетно флаширано вино, која ја следеа речиси сите приватни винариии во Земјава. Денес оваа винарија располага со капацитет од милион литри, а производството е еднакво на капацитетот.

  

Бовин денес поседува околу 65 хектари лозје кое се наоѓаат во Тиквешкото виногорје, а просечната старост на лозовите насади е дванаесет години. Лозјата се засадени со следниве вински сорти: шардоне, мускат темјаника, совињон блан, траминец и смедеревка од белите сорти, и каберне совињон, вранец, мерло, темпранило, каберне франк, санџовезе, сира, пино ноар и петит вердо од црвените сорти. Останатото потребно грозје го купуваат од проверени кооперанти со кои соработуваат години наназад. Бовин во моментов нуди дури 34 различни вина поделени во четири сегменти: Quality, Superior, Barrique и Dessert, а во својата гама на производи нудат и три вида на ракии, како и шери бренди (вишновка).

Погледнувајќи наназад, Бовин одигра огромна улога во трансформацијата на македонскиот вински пазар и во поместувањето на фокусот од квантитет кон квалитет. Тие беа првите кои почнаа да прават квалитетни вина и продолжуваат да го прават тоа и денес. Нивниот успех, без сомнение, инспирираше многумина да основаат свои винарии. Ако Кирил Богевски го прашате за клучот на неговиот успех, скромниот одговор од него е - судбина! „Родени сме во винската визба на кралот“, вели Кирил (браќата се родени во кралската визбата во Демир Капија, во винаријата Еленов).

   

Бовин извезува вино на пет континенти, и се многу горди на својот извоз во земјите од стариот свет, Франција и Шпанија. Интересно е да се спомене дека нивното вино Александар е едно од вината избрани да се служат за венчавката на крунскиот принц Вилхем од Холандија, на втори февруари 2002-та година.

Вински туризам- Винаријата Бовин е одамна спремна за винскиот туризам со својата соба за дегустација со капацитет од 30 лица, а при крај е изградбата на ресторанот и неколку апартмани, кои имаат поглед врз нивниот базен и блиските лозја.