Европско винско витештво

Европско винско витештво IN HONOREM DEI et IN HONOREM VINI

                                                      Од химната на витештвото
 
                                      Виното на човека му дава сила
                                      племенита капка е сок на боговите
                                      радост за срцето е неговиот дар
                                      и на човека најдобра утеха.


   Европското винско витештвото е традиција на витешкиот ред на Св. Ѓорѓи кое своите корени ги има уште во средниот век, поточно 1273та година, односно 1308та и 1468та година, чија традиција продолжува до ден денес. Единствена цел на винското витештво е да ја негува Европската христијанска култура со негување на виното како значителен дел од европската култура и идентитет, а со тоа и да ја негува разновидноста на тоа културно наследство и да го сочува за следните генерации. Европското винско витештво е витешки ред со заклетва и сите членови на витештвото преку заклетвата на виното и земјата, поврзани се на ист општенствен ранг и уживаат взаемно во пријателството и во плодовите на витешкото дело.  

   Минатиот викенд, во преубавата црква Свети Димитрија во Битола, по деветти пат, беше одржана свечена церемонија за воведување на нови членови во овој витешки ред и доделување на повисоки чинови на постарите членови. Сите членови на ова друштво со давање на заклетвата на винскиот витешки ред, IN HONOREM DEI et IN HONOREM VINI, се обврзаа да се залагаат за почитување на виното и популаризирање на овој благороден пијалак. Основната цел на македонскиот вински конзулат и неговите членови е со своите активности да ја негува традицијата на производството на вино во Република Македонија, да помага во ширење на лозарството, имплементација на најновите научни сознанија за производство на вино, да ја шири винската култура во земјата и да ги промовира македонските вина и државата во светот. 

 Седиштето на Европското витештво се наоѓа во градот Ајзенштат, Австрија, а истото има независни конзулати во дваесет земји во Европа каде членуваат повеќе од две илјади почитувачи на култот кон виното. Во Македонија нивниот број е околу педесетина. Во Европското винско витештво постојат одредени нивоа и тоа Hospes, Madam, Consiliarius, Iudex и Eques, чии припадници подеднакво се залагаат за реализација на благородните цели на овој витешки ред. 











Главното мото на витештвото е:
"Откако ќе ја победиш зависта и ќе почнеш да се завземаш за другите, ќе станеш вистински витешки човек. "
 

Галерија слики од церемонијата и свечената вечера која се одржа во хотелот Епинал во Битола