Concours Mondial de Bruxelles

Светско винско натпреварување и единствено искуство кое треба да се повтори.

Од 10ти до 12ти мај оваа година, во Братислава, Словачка, по деветнаесети пат се одржа Concours Mondial de Bruxelles, со што ова светско винско натпреварување излезе од своите граници на Западна Европа и за прв пат се одржа во земја од Источна Европа.

Жирито, 320 вински судии, дегустатори и трговци со вино, се состоеше од интернационални експерти од повеќе од четириесет националности што го прави овој настан единствен во светот. Беа дегустирани повеќе од 8200 етикети, а судиските панели ги имаше точно 53, и секој панел се состоеше од 1 главен судија и 5 до 6 дегустатори. За време на трите дена, секојдневно од 9:30 до 13:30, секој панел оценуваше по 50тина вина, кои беа поделени во 3 до 4 серии.

Со мојот панел на дегустатори (од лево на десно)- Антонио Брага (Португалија), Пјер Винчини (Белгија), Ивана Симјановска (Македонија), Сант Маргос (Турција), главниот судија на панелот Алберто Гати (Италија) и Анджеј Пакула (Полска).

Македонија го доби првиот дегустатор на овој престижен светски вински натпревар по цели 19 години.

Со Луи Ајво, основачот на Concours Mondial de Bruxelles

Големи честитки би морала да им упатам до организаторите на целиот настан кои беспрекорно го имаа осмислено и реализирано целиот натпревар. И не само на нив, туку и на Академијата на сомелиери на Братислава кои протрчаа вкупно 500км служејќи 2800 вина на ден.

 

Македонија освои 2 злата за вкупно 6 пријавени примероци, и тоа за Tikves Temjanika Special Selection 2012 и Tikves Barovo Red 2011. Резултатите може да ги проверите на следнава веб страница http://www.concoursmondial.com/

Видео од Concours Mondial de Bruxelles http://www.dailymotion.com/video/xzv2l5_concours-mondial-de-bruxelles-20...

Следната година, ова престижно винско натпреварување ќе се одржи во Брисел, со што и ќе ја прослави 20 годишнината од своето основање. Едно е сигурно, вакви натпреварувањаод светски калибар, се едни од оние кои Македонија не треба и не смее да ги пропушти во иднина бидејќи повеќе од сигурно е дека има со што да се покажеме!