Adegga Summer Wine Market 2013

Adegga Summer Wine Market 2013 Летен вински фестивал во Лисабон, Португалија

На 29ти јуни, во хотелот Флорида на плоштадот Маркиз де Помбал, во самиот центар на Лисабон, се одржа шестиот по ред Adegga Summer Wine Market 2013. 

Поканата да присуствувам на ова летно издание на овој вински настан, ја добив од мојот пријател, Андре Риберињо, неофицијалниот амбасадор на Порто и португалските вина. И не само тоа, Андре е ко-сопственик и ко-основач на Adegga, најголемиот вински веб сајт во Португалија, заедно со своите партнери Даниел Матош и Андре Сид.

Неверојатниот спој на пријателски расположени луѓе, одлична храна и изненадувачки одличните вина, предизвикаа невиден флуид кај посетителите на фестивалот. На овогодинешното, шесто по ред, летно издание на фестивалот (во декември има и зимско издание) беа присутни 40 винарии од земјата, можеше да се дегустираат 300 различни вина, а бројот на посетители достигна бројка од 700. Земајќи во предвид дека во Португалија има 250 автохтони сорти, може само да претпоставите кое богатство на разноличност можеше да се проба и дегустира.

Линк од видеото од винскиот фестивал http://www.adegga.com/winemarket/summer2013/

Порто од 1977 година
Messias Colheita 1977, Vinhos Messias
#winelover

За концептот на фестивалот- се работи за локален вински фестивал каде се преставуваат винопроизводители од цела Португалија и поентата на фестивалот е винарите и посетителите да споделат време во една многу опуштена и неформална атмосфера, да се разменат информации, да се поразговара повеќе за вината, асортиманот на производство на самата винарија, да се сподели знаење и искуства. Посетителите можеа да си направат листа на омилени вина, и бидејќи фестивалот беше и од продажен карактер, да ги купат по промотивна цена.

Интересно е да се спомене дека масите на кои винарите ги преставуваа своите вина беа до самиот ѕид за да се избегне бариерата помеѓу производителот и консументот.

Со колеги од Норвешка, Британија и Франција 

Бета технологија

На овогодинешниот летен вински фестивал, тимот на Адега го престави електронскиот систем односно мал чип кој е залепен на надворешната страна на дното од чашата кој пред да ги дегустирате вината на одредена винарија, се скенира на посебен апарат поставен на масата на винопроизводителот и подоцна по емејл ги добивате сите информации за вината кои ги имате дегустирано, производителот и каде може да се купат.

Adegga Selection Room

Во склоп на летниот вински фестивал, беше и Адега Спешл селекшн собата, каде во вертикални дегустации можеше да се дегустираат едни од најдобрите вина од најпознатите винарии во земјата. Од познатото вино верде, до тоурига национал, гордоста на Португалија.

Вино верде
Soalheiro Alvarinho 2011
Quinta do Vallado, Touriga Nacional

Во оваа соба на специјална селекција, можеше да се дегустираат вкупно 34 вина од доленаведените винарии:

Бели 
- Soalheiro Primeiras Vinhas 2006/2007/2008/2009/2010/2011/2012 
- Torre do Frade Viognier 2010/2011- Alentejo 
- CH by Chocapalha Reserva Branco 2010- Lisboa 
- Niepoort Redoma Reservа- 2006/2007/2008/2009/2010/2011- Douro 
- Vinha Grande 2007/2009/2011- Vinho Verde 

Црвени
- Azamor Icon 2004- Alentejo
- Cortes de Cima Touriga Nacional- Alentejo- ретка и посебна дегустација на оваа винарија и гордоста на Португалија, црвената сорта Touriga Nacional 2003/ 2005/ 2007/ 2008
- Quinta da Viçosa 2005/2009/2011- Alentejo
- CH de Sant’Ana Homenagem 2007- Lisboa
- CH by Chocapalha 2008- Lisboa
- Quinta do Monte d’Oiro Ex-Aequeo 2008- Lisboa
- Quinta do Monte d’Oiro Syrah24 2009- Lisboa
- Duorum Reserva- 2007/ 2008/ 2009- Alentejo


Дао вински бар

Во склоп на летниот вински фестивал, беа преставени вина од Дао винскиот регион на Дао винскиот бар каде во интересна атмосфера за дружба, надполнета со одлична музика можеше да се ужива во вината од овој регион од Португалија кој е еден од најстарите вински региони во земјата. Дао винскиот регион е местото од каде потекнува сортата тоурига национал која е една од главнита сорта во добивање на виното порто, покрај останатите четири: Tinta Barocca, Tinta Cao, Tinta Roriz и Tinta Francesa.

Винскиот блогер Pingus Vinicus зад барот на Дао со кој можеше да се поразговара за богатсвото на вината кои потекнуваат од овој вински регион Селекцијата на вината кои можеа да се дегустираат беше мошне интересна. Најголем впечаток ми оставија елегантните вина на Џулија Кемпер.

Селекцијата на производители на Дао винскиот бар беа следниве:

- Casa de Mouraz
- Casa da Passarella
- Casa de Cello
- Julia Kemper Wines
- Fonte de Gonçalvinho
- Quinta da Ponte Pedrinha

Португалија, рај за љубителите на добра храна

Неизбежен дел од било која дегустација на вина, е и храната. Како надополнување на одличните вина, на фестивалот можеше да се ужива во суши и остриги.

Неизбежен дел од било кое споделување на вина, е и храната. И ова винско доживување не би било целосно доколку не се спомене богатсвото од храна кое може да се најде во Португалија. Одлични ресторани со морска храна- остриги, посебно оние од Сетубал, сардини, риба, ...

Ден по винскиот фестивал, неизбежен беше доручек во Pasties de Belem, најстарата слаткарница во Лисабон која датира од 1837-та година. Во Португалија, на почетокот на 19-тиот век за време на либералната револуција многу од манастирите биле затворани. Со цел да преживеат, монасите започнале со продажба на слатките кои се правеле во манастирот и наскоро сите морепловци кои доаѓале на брегот на Лисабон, почнале да уживаат во овие слатки, од каде и тие станале познати ширум светот.

Влезот на Pastem de Belem Со Еди која е вински ентузијаст и љубител на добра храна, и блогер на тема храна

Слатките кои се вид на испечено тесто чија внатрешност е исполнета со крем со вкус на ванила, се прават по рецепт кој се чува во строга тајна и е познат само на главниот слаткар кој ги прави. Се прават рачно во тајните одаи на слаткарницата и ниту едни други слатки во Португалија не може да го имаат истото име Pastel (Pasteis) de Belem иако низ цела Португалија и во светот се прават копии на овие слатки познати под името Pasteis de Nata, или Natas.

Едно одлично заокружување на прекрасно и незаборавно винско патување.