Domaine Lepovo, Grand Cuvée 2013

Domaine Lepovo Grand Cuvée 2013 на винаријата Domaine Lepovo, е уште едно од низата ексклузивни вина направени од веќе докажаните енолози, Марко Стојаковиќ и реномираниот вински мајстор Филип Камби. 
Виното е бленд од сортите вранец, каберне совињон и мерло, и е одлежано 18 месеци во (ICON) француски барик буриња кои се користат само за виното од една берба.
Винското грозје за ова вино доаѓа од лозјата на локалитетот Лепово, по кое и самата винарија го добива името. Локалитетот се наоѓа во Тиквешкото виногорје, на надморска висина од 250 метри и се карактеризира со суб-медитеранска клима со долги сончеви и топли денови и кратки и релативно топли ноќи во летниот и рано есенскиот период, а топлите струења на „Повардарецот“, поради близина на реката Вардар, лозовите насади се во совршена здравствена состојба, што придонесува за постигнување висок, константен квалитет на грозјето. Во овој сегмент, направен е внимателен избор на секој грозд и редукција на приносот по хектар, со оставање на два најдобри грозда по лоза, со што е овозможена максимална концентрација на аромите и вкусовите во виното.  
Domaine Lepovo Grand Cuvée 2013 е произведено во лимитирана серија од 20,000 шишиња и поради овој факт е достапно само на најзначајните светски пазари и во ограничен број угостителски објекти и неколку специјализирани продажни објекти во земјава.