Прв салон на грчки вина во Македонија

Пишува: Ивана Симјановска

Една од работите кои ми фалат повеќе од морето и храната кога се враќам од Грција, се одличните грчки вина, кои за жал не можам да ги најдам во Македонија. Со оглед на последните случувања ова е на пат да се смени...


   Минатата недела, во Twins Kitchen & WIne, се случи долгоочекуваното официјално преставување на грчки вина од девет винарии од Грција и нивно запознавање со македонската публика, на настан организиран од Канцеларијата за економски и трговски работи на Грција во земјава. На овој Грчки вински салон беа преставени вината на неколку винарии од Грција Kir-Yianni, Kechris, Gerovassileou, Katogi Averoff, Tsantali, Pieria Eratini Estate, Blink Wines, Porto Caras и Melissinos.

   Позната винарија Кир Јани (Kir-Yianni) која се наоѓа во винскиот регион Аминдеон (Amyndeo), а има лозја и во Науса (Naoussa), е можеби најпозната по одличните црвени вина добиени од сортата ксиномавро (Xinomavro). Овие два вински региони во северна Грција се и најпознати по оваа сорта. Инаку, винаријата Кир Јани е во сопственост на фамилијата Бутарис од Солун, чија долга традиција на производство на вино датира уште од 1879 година и е првата винарија во Грција која почнала да произведува флаширано вино.

    Винаријата Кекрис (Kechris), која се наоѓа во близина на Солун е најпозната по одличната рецина (Retsina), ништо налик на онаа рецина која сте имале можност да го пробате во многуте грчки таверни. Нивната Tear of the Pine Retsina е најелегантниот пример на рецина кој ќе имате можност да го пробате.

   Винаријата Геровасилиу (Gerovassiliou) која се наоѓа во Епаноми, на 25 километри одалеченост од Солун, е позната по елегантните вина добиени од сортите совињон блан, шардоне, аватон, а можеби најпозната по производство на едни од најелегантните примероци на вина од сортата малагузија. Сопственикот на оваа винарија, Вангелис Геровасилиу, е главниот виновник за оживувањето на оваа оддамна заборавена сорта во Грција.

  
Тсантали (Tsantali) е винарија која поседува лозја на пет различни локации во Грција и тоа во Науса, на Халкидики, на планината Атос, Рапсани, Маронија и на островот Санторини. Кај нас најпознати по производството на узо и помалку познати по ципуро (дестилат добиен од винско грозје). Но оваа винарија, исто така една од најстарите во Грција, произведува одлични вина од различните сорти соодветни за регионот од каде доаѓаат. Јас би ги издвоила нивните купажи на ксиномавро со красато и ставрото од лозјата во Рапсани, како и одличните примероци на асиртико од островот Санторини, каде почвата е вулканска и фиолксерата никогаш не направила штета бидејќи не може да преживее на ваква почва.

Винаријата Катоги Авероф (Katogi Averoff) се наоѓа во во Метцово, северна Грција. Од нив би ги издвоила белите вина, како Katogi Averoff White, купажа од автохтоната сорта родитис, како и шардоне и мускат, Inima Assyrtiko Athiri, купажа од автохтоните сорти асиртико и атири, и нивните вина добиени од сортата ксиномавро Inima Xinomavro и Xinomavro Averoff ( иако го немаа на салонот, ова е едно од најдобрите примероци на ксиномавро во Грција.)

Пиериа Ератини (Pieria Eratini Estate), уште една нова винарија за мене, која доаѓа од Пиериа се престави со одлични вина, од кои би ја издвоила нивната Naked Queen, купажа на 90% асиртико и 10% други сорти. 

Blink Wines е винарија која се наоѓа на островот Лемнос и која е позната по производство на пенливи вина од сортата мускат александрија. За мене беше новина, прв пат ги запознав во Скопје. 

Порто Карас (Porto Caras) сигурно ви е познато како име кое асоцира на познатата туристичка дестинација на Халкидики каде се наоѓа оваа винарија, поточно на западниот дел од Ситонија. Овде се протегаат 45те хектари лозје засадени со асиртико, атири, малагузија, совињон блан, родитис, сира, мерло, каберне совињон итн. 

Мелисинос (Melissinos) од Кефалонија, е уште една винарија чии вина за прв пат ги пробав во овој вински салон. 

Инаку, во Грција постојат 300 автохтони сорти, а квалитетот на грчките вина се подобрува од година во година. Интересен податок е што речиси 80% од вината произведени во земјата се конзумираат на домашниот пазар, додека само 20% одат за извоз. Да, ова се должи и на фактот што Грција е туристичка дестинација, но и на зголемување на винската култура во последната деценија.

Овој вински салон, кој е и првото официјално преставување на грчките вина во Македонија, е исчекор кон продлабочување на добрососедските односи помеѓу двете земји, но побитно е што ќе допринесе да се запознае домашната публика со вината на соседите, зголемување на нивото на винската култура во земјава, и најбитно што настаните како овој имаат поголема цел- промоција на Балканот како винска дестинација. Бидејќи виното е она кое не треба и не смее да познава граници.