Винаријата Мал Св. Климент, првата винарија во Македонија која произведува вино во амфора

  Автор: Ивана Симјановска

   Изминатиот викенд во Охрид беше промовирана новата винарија Вила Мал Свети Климент, втората бутик винарија во Охридското виногорје.

   Оваа мала винарија произведува вина од локални, подзаборавени сорти како охридско црно, регионални како вранецот, зреен во македонски дабови буриња, како и од интернационалните сорти каберне совињон и р'кацители. Она што е најинтересно и што ќе ве поттикне да ја посетите оваа винарија, е што во неа се произведува вино од винската сорта памид, кое е виницифицирано во амфори донесени од Грузија. Со ова, винаријата Вила Мал Свети Климент, станува првата винарија во Македонија која произведува вино во амфора. 

   Сопственикот на винаријата, Будимир Соколовиќ, истакна дека со отварањето на винаријата Вила Мал Свети Климент, каде тој произведува вина од грозје кое потекнува од Охридското виногорје, е збогатена туристичката понуда во градот и дека има се повеќе посетители кои доаѓаат да го посетат и да ги дегустираат неговите вина. 

   „Виното Памид розе 2016, ми е особено драго. Се прави во глинени амфори од 500 литри вкопани во земја со автентична метода како што се правело виното пред  2000 години. Амфорите се донесени од Грузија и секоја од нив тежи 200 килограми. Вкопани се во земја, само грлото е надвор. Тоа се и првите фрижидери, бидејќи држат константна температура на грозјето од каде потекнува и посебниот квалитет на виното“, кажува Соколовиќ. Додава дека тоа вино го нарекол и временска машина.

   Винаријата, која е во склоп на вилата Мал Свети Климент, нуди и одлична храна која дело на врвниот шеф од светска класа Синиша Салатиќ кој приготвува извонредни специјалитети. Се приготвуваат тестенини, салати, брускети со свежи зачини.

„Посебно ми е драго што ќе се зголеми туристичката понуда во градот. Деновиве има групи и други кои слушнале и дошле да дегустираат. Пресреќен сум што нашата понуда наиде на огромно задоволство и изнедување од квалитетот од спарувањето на храната и виното. Посетителите се воодушевени. Ова е бутик винарија со ограничено прозиводство и сите вина ќе се дегустираат и продаваат во винаријата“, напоменува Соколовиќ.

Како што истакнуваат стручните лица, отворањето на винаријата е една успешна приказна во чија насока треба да се развива туризмот во Охрид, а охридските вина треба неизоставно да се дел од понудата во угостителските објекти.

На промоцијата присуствуваа бројни гости од светот на виното во земјава како Проф д-р Ангела Крстановска Василевска од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, проф. д-р Сашо Коруновски, Александар Вучковски, сомелиер и Ивана Симјановска, интернационален вински судија и автор.