Corkage Fee или Цена за винска услуга

   Колку пати сте сакале да нарачате вино во ресторан, но кога ќе ги видите превисоките цени на вината во винската листа, едноставно сте се откажале од идејата. Да, за жал многу од сопствениците на ресторани повеќе се заинтересирани да понудат вина по астрономски цени отколку да бидат умерени во овој дел и наместо да се обидат да привлечат повеќе гости, а со тоа да ја зголемат продажбата, многу е поверојатно дека истите тие вина ќе им стојат на рафтовите. Да не ни почнам да зборувам за премалиот избор на винската карта каде не може да најдете вина од повеќе од две до три винарии, но ова е веќе доста често дискутирана тема која ќе ја оставам за некоја следна прилика. 

Што всушност преставува Corkage Fee?

   Од неодамна кај нас се појави концептот на Corkage Fee или Цена за винска услуга. Зборуваме за цената на услугата на отворање и послужување на шише вино во ресторан, во соодветна чаша, на соодветна температура и од страна на сомелиер, или кај нас вински келнер (не за друго, ни фалат сомелиери). Концепт кој се употребува насекаде во светотот со децении, а кај нас во Македонија е познат (или непрепознаен) од скоро.

   При нарачување на вино во ресторан, би требало да постојат неколку опции. Првата и најчеста е да нарачате вино од винската листа каде маржата на дадениот производ може да оди и до 300 %, 400%, па и повеќе, од набавната цена на виното. Ова е најчестиот, ако не и речиси единствен во земјава со исклучок на не повеќе од еден до два ресторани.

   Втората е да си донесете свое вино (BYOB- Bring Your Own Bottle) и да ви ја наплатат Услугата за послужување на виното во ресторанот или познато како Corkage Fee. Одредени ресторани не нудат ваква услуга, (посебно не во Македонија) па затоа е пожелно најпрво да се јавите во ресторанот и да се информирате дали услугата е достапна и да прашате која е цената на послужување вино како не би се нашле во непријатна ситуација, особено ако каните гости. Доколку сепак се одлучите за ваква опција, културно би било најпрво да нарачате барем едно вино од винската листа на ресторанот (гледајте да не биде најефтиното). Иако имам организирано неколку вакви BYOB собири во земјава и странство, мора да напоменам дека тоа секогаш било во договор со ресторанот. 

   Третата и најсреќна опција е доколку сте во ресторан во кој вината се нудат по супермаркет цени и во истиот тој ресторан ќе ви биде наплатена услуга за отвaрање и послужување на виното. Велам најсреќна опција, затоа што ова е најдобриот начин секој да може да си дозволи да ужива во вино во ресторан, а притоа да не мора да плати астрономски суми за истото, земaјќи во предвид дека во многу од рестораните цената на истото вино би била три до четири пати повисока. Ова е и најдобриот начин да се шири винската култура во една земја, посебно во земја како нашава, каде не секој може да си дозволи да ужива вино во ресторан, повторно поради ценовната политика на рестораните. Да, многу од ресторани во земјата не нудат ваква можост и услуга, но со тоа рестораните се во загуба- ќе имаат помалку гости кои пак со виното би нарачале храна, помал континуиран cash flow во делот на продажба на вино итн.

   Причини поради кои наплатата на ваквата услуга е оправдана се неколку. Висината на Corkage Fee е сумата со која ресторанот ја покрива услугата за отварање и послужување на виното, сад за ладење на виното каде се става мраз, миење на чашите, употреба на декантер, чување на виното на соодветна температура (вински фрижидери), итн.  Цената на Corkage Fee во Македонија е 200 ден и е достапна само во во ресторанот Форца и продавницата за вино Little Box во Скопје, и ресторанот Вила Мал Свети Климент во Охрид (ако сум пропуштила некој ресторан, поправете ме). Со други зборови, доста симболична цена за услугата која ја добивате. Кога и повеќето од рестораните во земјава би го следеле овој пример, несомнено е дека би допринеле кон зголемување на конзумирање вино на национално ниво.

   Колку за споредба, во едни од најпознатите ресторани во светот, како French Laundry или Per Se, цената на услугата за послужување вино се наплаќа 150 долари од флаша. Во ваков случај, подобро е да нарачате вино од винската листа. Доколку сепак се одлучите да понесете вино со себе во ресторан, тоа не би требало да биде најефтиното вино кое го поседувате дома. Сепак, идејата е да уживате во тоа вино во ресторански амбиент каде може да ви понудат професионална услуга.

  Да, треба уште многу да се инвестира на полето на подобрување на винската услуга во рестораните и баровите, обука на персоналот, која пак инвестиција и те како се враќа со тоа што се зголемува продажбата на вино. Сепак, ваквата одлуката за инвестирање во персоналот и примена на концептот на Corkage Fee зависи од визијата на менаџерскиот тим на тој ресторан. 

Пишува Ивана Симјановска