Винска љубов и љубов за навек

Ерих и Мими ги запознав преку виното и нивната желба да научат повеќе за македонските вина. Ме освоија уште првиот пат кога седнавме на кафе, а зборувавме за вино. Следуваше вечера на која виното беше главна тема...така продолживме и во неколкуте денови кои следуваа. Вино, вински региони, потреба и интерес да се дознае и научи повеќе, да се сподели веќе наученото и доживеаното, желба која и во осмата деценија од животот е сеуште жива, присутна, не сопира. Мими е Македонка, Ерих е Швајцарец со одличен македонски. Мими е одличен готвач, Ерих е вински ентузијаст. Се надополнуваат како храна и вино. И ден денес се радуваат на секое следно винско патување, секое ново винско доживување, а патуваат најчесто водени од вински причини. . .

Во винскиот бар "Mövenpick" Во Фисоле, Италија на дегустација на Кјанти Вински подрум на Tenuta di Sticciano,Тоскана

 

1. Од каде вашата љубов спрема виното и колкав временски период трае?

Виното од секогаш ми беше пропратник на храната. Во 70тите години, го посетив мојот прв курс за вино со желба да го проширам знаењето. Понатаму следеа повеќе стручни курсеви за дегустатор на вина.

2. Кога Ве запознав, препознав човек кој не е само вистински вински ентузијаст туку и човек кој е заљубен во виното, страствен критичар на мааните и доблестите кои може да ги има една чаша вино. Што за Вас преставува еден вински ентузијаст?

По природа сум страстен човек, безземен и занесен и без тоа не можам да бидам вински ентузијаст, вистински winelover. Истото го чувствувам и за мојата сопруга Мирјана, од првиот пат кога се сретнавме.

3. Вашата љубов кон виното и вашата сопруга Мирјана се надополнуваат. Како што секое вино си бара соодветна храна, Вие и Мими ми изгледате на совршен пар кога се работи за спарување/ сљубување на виното и храната. Имено, Вие секогаш го бирате виното, додека Мими е таа која ги подготвува јадењата. Уживате да ги угостувате своите пријатели...

Мими и Ерих со своите пријатели

Вино-храна ми беше визијата и целта на заокружување на бракот. Речиси секој ден јас и Мими го тестираме овој концепт со соодветен избор на вистинското вино. Секојдневно спаруваме храна со вино- Мими е таа која готви, а јас водејќи се од нејзините јадења, бирам соодветно вино.

Ерих сервира предјадење со ризлинг од Алзас;

Во последните десет години прошетавме во најразлични ресторани и вински барови каде се служат храна и вино на највисоко ниво како Франција, Белгија, Италија, Шпанија, Германија, па дури и Јужна Африка и Сингапур. Додека живеевме во Словенија, ни беа дојдени менаџери од угостителството од Македонија и Словенија. Со еден екслузивен „Diner plaisance“, презентиравме 7 различни јадења и 8 различни вина и дигестиви за да покажеме што значи спарување на храна и вино

4.Ми спомнавте дека по повод вашата пензија, наместо да одберете златен часовник за поклон, сте одбрале голем вински фрижидер. Што може да се најде во винскиот подрум-фружидер на Ерих и Мими?

Винскиот фрижидер е од марката „EUROCAVE“, со 3 делови за вкупно 220 шишиња, за да во секое време имаме вина и други пијалоци со соодветна температура на сервирање. Асортиманот на вина ми е распределен во 3 групи и тоа, 50% црвено вино, 30% бело/ розе и 20% пенливи вина. За жал, иако посакувани, македонските вина не може да се купат во Швајцарија. Имаме вина од земјите од сите традиционални вински држави- значи стариот свет и новиот свет, посебно од САД, Аргентина, Чиле, Австралија и Јужна Африка. Дури и од Канарските острови/ Ланзароте. Најстарото вино кое го испивме заедно со Мими беше Chateaux Bordeaux Cos d`Estournel,St.Estèphe, 2.Cru star -старо 60 години..


 

 
На ручек во Rest.Jardin d`France, Баден-Баден, Германија Во посета на винарија на Тенерифе
Поглед на лозја во Јужна Франција  Во винаријата Зулиани, Лаго ди Гарда, со внуката Лаура 

5. Љубовта кон виното Ве има однесено во многу вински земји низ светот. Би издвоиле ли некои од нив. . .

Во Македонија за прв пат дојдов во 70-тите години и тогаш ја посетивме винаријата Тиквеш и за прв пат пробав Темјаника и Т’га за Југ. Вината ме одушевија со благост, полност и долг и ароматичен вкус. Во споредба со вината кои ги имам пробано во последниве пет години, приметив огромен технолошки напредок во квалитетот, Најмногу ми се допадна серијата Limited Edition-Шардоне, Мерло, Каберне совињон и Вранец. Во 2003-та во Сковин на дегустација се воодушевивме од нивните Мускат и Траминец, а од пенливите вина на Сковин Sparkling extra dry 2005. Големо задоволство ми причини виното од винаријата Шато Сопот, Sauvignon,Merlot,Shiraz od 2007 година, за смешна цена од 390 денари. Ова куве според мене се вбројува во едно од најдобрите во Европа, а и самото е со прениска цена за овој пазар и би било ставено во категоријата на вина со ниска цена, а со тоа нема да има купувач кој би го купил. Реалната цена според мене би требала да биде 2500/3000 денари. Значи, големиот технолошки напредок во квалитетот на повеќето македонски вина е се повеќе присутен. Успехот на еден бренд лежи во поверливоста помеѓу производот и конзументот. Да се проба, да се дегустира и ужива. Шармот на виното не лежи само во она што е во чашата, туку и она што виното преку неговиот творец сака да го оствар

Ерих и Мими во вински бар во Албано, Италија На вински саем во Цирих, Швајцарија 

6. Речиси секоја година доаѓате во Македонија и сте љубител на македонските вина и се интересирате за развитокот на македонската винска индустрија. Што е она што мислите дека како млада/ стара винска земја ни’ фали и што е она што може да се подобри?

Винскиот туризам не смее да остане осамотен, туку да биде вклопен како еден сегмент од целиот македонски туризам. Со други зборови, одговорните сили во земјата (влада, министерства итн) треба заедно со винарите да изработат еден национален стратешки план каде винарството ќе стане ист и важен фактор како што е културата итн, во вашиот целосен национален и интернационален план за во иднина. За аграрниот сегмент винарство, мислам дека светот сеуште се прашува дали воопшто постои македонско вино? Тое е очигледно многу слаба точка во непостоење на македонската винска промоција во светот. За да дојде некој во Македонија, треба од напред да биде запознаен што го очекува, а тоа е убавината на земјата, љубезноста и питомоста на луѓето, богатата култура од минатото до ден денеска. За да посетителот не остане “гладен и жеден”, треба да се запознае со македонското јадење и вино! Задоволен од неговиот престој и впечатоци, ќе ги пренесе во својата земја, роднини, пријатели. Тое е лична реклама- без пари, а многу ефикасна. За време на нашиот престој во Америка, бев воодушевен од нивниот систем на „turist visitor centers“ во одредени држави. Таму добивме стручни туристички информации и потребни материјали за сместување храна, вински патувања итн. И тоа склопено во еден филмски портрет. Добивме се’ она што ни беше потребно за да ни се оствари сонот за успешен и незаборавен престој. Таков центар би можел да си замислам и во Скопје, каде би се презентирало македонското винарство со се’ околу, па дури и дегустација и продажба на квалитетни вина.

7. Винскиот туризам во земјава полека зема замав. Кој е вашиот совет до винариите во Македонија за да го заинтересираат Светот да дојде да ја посети Македонија?

Иднината на македонските вина ја гледам во следново: винариите треба да се организираат во една организација/ здружение, сојуз на македонски винари со статутарни улоги за секој сегмент, на пр. визија винарство во МК, едукација на стручни кадри во соработка со Факултетот за Земјоделие/ Винарство, Факултет за туризам, издавање на национален весник за вино, организација за национална промоција на вино, издавање на етикети за најквалитетно вино во МК, годишна сертификација на вински сорти/ вина, џепен вински водич со точки за квалитет и цена достапен во секоја трафика во земјата. Со заеднички, од едно централно место организирани, настапи на саеми и други вински манифестации, заедно со надворешната македонска бизнис комора, би можел да се создаде тренд за интерес за македонското вино во светот. На вашата младина, апсолвенти од факултетите за туризам/ земјоделие/ винарство, ги советувам да одат во странство на пракса/ работа и од таму да се вратат со интернационално искуство, кое е неопходен за вашиот винско/ туристички развој.

8. Дали македонското вино е прескапо за европскиот пазар? Што мислите, кои се причините за ова?

Виното има своја цена! Не секогаш најскапото вино е најдобро без разлика дали е во Македонија или на друго место. Мислам дека македонските вина не се прескапи за европскиот пазар! Битно е да се има строга селекција на квалитетот. Тоа е денешен стандард на европскиот пазар за продажба на вина во овие групации:

а.Класични домашни сорти со цена од 10-20 EUR
б.Интернационални класични сорти од 20-50 EUR
в.Врвни сорти, на пр.Chateau Bordeaux,Burgund и останати вински земји од 50-500 EUR.

Мислам дека вашите вина спаѓаат во групата а. Со добра цена, а за б. одредени ваши познати сорти/ кувеа. Ако се успее во иднина со излез на вината AC или DOC, тогаш ќе има поголем интерес. Виното е аграрен продукт и никаде не е пишано дека големи вина имаат само традиционалните вина Франција, Италија, Шпанија, итн. Во последно време многу вински новинари пишуваат за винските земји од источниот блок, а посебно за Балканските земји кои имаат огромен потенцијал и интересни вински региони.

За крај би сакал на сите ваши почитувани Blogers,Winefreasks и Winelovers да им порачам: виното е еден тривијален секојдневен продукт за уживање и поради тоа најпрво да дегустираат, а потоа да дискутираат дали им се допаѓа или не и да ги наведат причините за тоа. Би сакал да Ви кажам еден цитат од еден мој добар пријател кој е винар од Австрија: Виното сигурно не е се’, но без вино е ништо.