Винаријата Картал со новини на македонскиот пазар

  Фамилијарната винарија Картал е една од ретките бутик винарии кои речиси цела деценија успешно опстојува на македонскиот пазар. Нивното (браќата Јордан и Филип, и таткото Панче) присуство на винскава сцена во земјава коинцидира со почетокот на мојот интерес за вино, па може слободно да кажам дека сме "врсници" кои долги години се подржуваат и охрабруваат дека единствен пат до успехот е да се оди само напред незастанувајќи пред безбројните предизвици.  
Локацијата на самата винарија е во Скопје, помалку од пет километри од центарот на Скопје, додека грозје купуваат од неколкуте виногорја во земјава. Повод за овој разговор се новините кои се случуваа во самата винарија овој период. 


Иако не поседувате свои лозја, грозјето го купувате од долгогодишни партнери. Ќе може ли да ни кажете од кои локации, виногорја доаѓаат сортите од кои правите вино?
   Ние не поседуваме наши лозови насади, но во досегашните 10 берби кои се позади нас изградивме силни врски со фармери од кои го купуваме грозјето. Тие лозја се наогаат во Тиквешкото виногорје, поточно од с.Сопот во Кавадарци, с.Дисан во Неготино, с. Црвени Брегови во Неготино, а секако дел од грозјето го набавуваме и од Велешкото виногорје.

    

Ќе може ли да ни кажете од ваша гледна точка, како ја оценувате бербата 2015 во земјава?
   Бербата 2015 беше многу подобра од претходната. Големиот број на сончеви денови пропратени со повремен дожд во текот на годината допринесе да добиеме грозје кое беше со задоволителен број на шеќерни единици, секако и киселини, аналогно на тоа и вина со проценти на алкохол од 12,5% па се до 15%.

Кои се новите вина од бербата 2015-та кои ќе може да ги очекуваме од винаријата Карталов? Кои се новините во винаријата Картал?
   Покрај редовната линија на вина од сортите ризлинг, вранец, мерлот и каберне совињон, оваа година одлучивме да ја зголемиме нашата палета со уште две нови вина и тоа Шардоне, и Вранец кој во моментот одлежува во дабови буриња барик од 225 литри. 

    

Винаријата Картал е една од ретките во Скопје кои нудат дегустации во своите простории. Од кои земји имате најмногу вински туристи кои доаѓаат да ве посетат и во кое вино, од која сорта, најмногу уживаат? 
   Покрај производствениот капацитет, винаријата Картал располага и со соба за дегустации со капацитет од 50 луѓе. Туристите доагаат од различни делови на светот, но мислам дека најголем дел од нив се од Шведска и Скандинавските земји. Што се однесува до вината секој од посетителите има свој вкус и свој фаворит во вината кои има можност да ги проба во нашата винарија, но сепак мислам дека вранецот е тоа вино кое најмногу го сакаат, што поради својот квалитет, тоа и поради што на нашите гости ова вино им е новитет и освежување во нивната винска листа.

Дали според вас во последниве години е зголемен бројот на луѓе кои конзумираат вино во земјава?
   Да, мислам дека полека но сигурно виното станува пијалок кој треба и заслужува да го има во културата и навиките на нашиот народ. Тоа е нешто кое отсекогаш се произведувало на овие простори. Младите луѓе се оние кои почнуваат да прават разлики, да стануваат прибирливи, а македонските винарии следејќи ги светските трендови на производство на вино можат со сигурност да им го овозможат тоа уживање.

Вашите вина, како и вината на многу други македонски винарии, се нудат и како наливно вино во продажба и во рестораните. Дали наливното вино е реалност која треба да ја прифатиме и како да ги научиме консументите да не го поврзуваат наливното вино со вино со лош квалитет?
   За жал “виното на чаша” има лоша репутација на нашиот пазар. Првенствено тоа произлегува од потребата да се има ефтин производ на пазарот, но тоа не значи дека конзументите треба да добијат неквалитетно вино. Нашите вина може да се најдат покрај во амбалажа од 750мл и во амбалажа bag in box од 5 литра. Виното во двата случаи е со истиот квалитет, но бидејки поголемото пакување bag in box од  5 литри ангажира помал инпут на средства во неговото производство аналогно на тоа има и поефтина цена.Тука мора да ги споменам и рестораните и кафе баровите кои сеуште срамежливо му даваат шанса на виното на чаша. Вистинските познавачи и љубители на виното мислам дека секогаш ќе му дадат шанса на “наливното” вино.

Кои се предизвиците со кои се соочува една мала винарија како вашата во земјава?
   Предизвици има секогаш и тоа е добро за развитокот на една мала компанија како нашата. За среќа виното е жива материја, па таква е и неговата приказна. Се обидуваме да ги следиме светските трендови на производство на вино. Се обидуваме исто така да го зголемиме нашиот извоз. Да се промовираме пред потрошувачите. И секако да направиме нови производи кои ќе имаат печат автентичен само за нашата винарија.

Во кои супермаркети и ресторани може да се најдат Картал вината?
Нашите вина може да се најдат во поголемиот дел на ланци на маркети, специјализирани продавници за вино, ресторани како во Скопје, така и низ Македонија, во Битола, Охрид, Струмица.

Пишува: Ивана Симјановска