Венера Гелебешева Крстиќ, главен енолог во винаријата Сковин

   Венера Гелебешева Крстиќ е главен енолог во Сковин, третата најголема винарија во земјава, каде предводи млад тим на енолози. Нејзиниот вински печат веќе е препознатлив за Сковин вината, кои освојуваат се повеќе награди на светските вински натпревари и се достапни во продажба ширум светот.

   Потекнува од фамилија на винари, имено, нејзиниот татко, Јован Гелебешев е еден од најдобрите и најискусните енолози во земјава. Чекорејќи по неговите стапки, долги години успешно ја гради својата винска кариера. 

Венера, ќе може ли да ни кажете што ново може да очекуваме од бербата 2015-та од вашата винарија и дали имате некој фаворит од новите вина?

Бербата 2015 беше добра во споредба со бербата 2014. Иако, можам да кажам дека не беше баш најдобра берба за црвените вина. Високите температури во текот на летото негативно се одразија врз вегетацијата кај црвените сорти, посебно кај вранецот. Белите сорти грозје кај нас во Скопско виногорје, дадоа добри резултати, што се одрази и на квалитетот на белите вина. Вината се со изразени ароми, полни и екстрактивни. Посебно би ја издвоила Темјаниката, која стана препознатлива за Сковин. Од бербата 2015 ова вино е мој фаворит. Не заостанува ни Шардонето од нашите лозови насади во Скопско.

Овие вина веќе се на пазарот и истите ги пративме на неколку дегустации и за нив добивме златни медаљи.

         
        На овогодинешниот саем за вино Prowein, Дизелдорф, Германија

Винаријата Сковин ги поседува едни од најдобрите лозја во Македонија. Ќе може ли да ни кажете како изгледа ова во бројки? 

Сковин во своја сопственост има околу 600 ха лозје. Од тоа 400 ха се во Скопско виногорје, а 200 ха во Тиквешко виногорје, на две локации, Сопот и Сирково.

Лозовите насади во Скопското виногорје се на надморска височина од 450-600 м и без наводнување. Меѓутоа, составот на земјиштето и климатските услови кои влијаат во овој регион, овозможуваат производство на квалитетно грозје. Скопското виногорје е посебно погодно за белите сорти грозје, како што се шардоне, совињон блан, темјаника, мускат. Не заостануваат и црвените сорти, како што се сира, каберне совињон, мерло и пино.

Во Тиквешко виногорје, нашите лозови насади се сместени на две локации, Сопот и Сирково. На овие локалитети застапени ни се сортите вранец, каберне совињон, мерло и пино.

      
               Винаријата Сковин (Фото Сковин)

Ќе може ли да ни кажете според Вас, кои микролокации каде се наоѓаат лозјата на Сковин, се најсоодветни за одгледување на одредени сорти и кои се тие?

Во Скопското виногорје, лозјата на Сковин се наоѓаат на две локации Четири Патишта и Маркова Сушица. Сместени се на јужните падини на Водно. На овие два локалитети застапени се повеќе сорти грозје, со одглед на големината на површината. Она што посебно треба да се истакне е локалитетот Марков манастир, каде што имаме површини под Вранец. Овој вранец е од стара лоза, околу 30 години. Приносите се многу мали, но од ова лозје го произведуваме нашиот врвен вранец Марков Манастир.

Во локалитетот Четири патишта, застапени ни се сортите совињон блан, темјаника и мускат. Овој локалитет е посебно добар за бели сорти, заради експозицијата, разликата меѓу дневната и ноќната температура и составот на земјата.

Сковин, е една од најголемите винарии во земјава, а вие како главен енолог предводите тим на помлади енолози. Како е да се работи тимски?

Сковин е голема винарија, трета по капацитет во Македонија. Во својата палета на производи има различни типови на вина, како и различни производи. Тука пред се е дел од виното кое оди како наливно и кој зазема 80% од вкупното производство. Ова вино е наменето за различни пазари и треба да се погоди вкусот на секој купувач.

Покрај флашираното вино, кое е застапено со шест производни линии, Сковин произведува и ракии и пенливо вино.

Тимската работа е многу битна за вака голема винарија како што е Сковин. Тимот на енолози на Сковин се состои од двајца помлади енолози и секако битна алка во тимот е лабораторијата, каде што се вработени уште две колешки. Обемот на работа наметнува поделба на работите. Секој од овој тим одговара за својот дел од работата, има можност да дава свои предлози и сугестии. Креирањето на едно вино е заслуга на тимот, каде што секој со своето мислење придонесува за тоа.

        
  Марков Манастир Вранец 2008- едно од најнаградуваните вина на Сковин/ Сковин пенливи вина (Фото Сковин)

Дали имате некој вински стил кој го преферирате и која Ви е омилена винска сорта?

За мене најбитно е да се доловат карактеристиките на сортата грозје од кое е направено виното и истите да се преточат во виното. Што значи стилот на вината кој што јас го преферирам се овошни, свежи и добро избалансирани вина. Омилена винска сорта ми е мерлото. Сметам дека е тоа сорта која дава богати вина, овошни, со добро тело и комплексни.

Вашиот татко, Јован Гелебешев, е еден од најискусните и најдобри енолози во Македонија. Колку неговото влијание беше пресудно да се одлучите да го следите неговиот пат?

Неговата љубов кон виното и вниманието со кое му се посветува на секое вино и разговорите за виното со него, беа она што ме натера да се одлучам да го следам неговиот пат. Виното од секогаш било присутно кај нас, па некако нормално беше да ја продолжам и јас оваа професија.


  Со својот татко, Јован Гелебешев, во неговата винарија Јостела во Гевгелија (фото приватна архива)

Колку често патувате во другите вински земји во светот и кои вина Ви се најомилени од другите вински региони?

Во оваа професија, енолог, патувањата се неминовни. На тој начин се откриваат нови стилови на вина, се запознаваат нови сорти, се разменуваат искуства со колеги. Можам да кажам дека доста патувам, преку студиски патувања, стручни обуки од поедини области од производството на вино, член сум на неколку меѓународни комисии за оценување на вината.

Секој вински регион носи свои обележја и ме импресионира на свој начин. Но, она што посебно би сакала да го издвојам се винските региони во Јужна Африка и нивните вина, посебно нивниот совињон блан.

  
  Во Јужна Африка, Weigevallen Kolder/ Cellar ( Фото приватна архива)


 Пишува Ивана Симјановска