Станушината како аманет- Интервју со Орце Димитриевски, ко-сопственик на Брушани винарија

   Орце Димитриевски, косопственик на винаријата Брушани, се води од љубовта и традицијата кон виното. Или поточно, оживување на традицијата преку правење вино, длабока посветеност кон одгледување на вранецот и единствената автохтона сорта во Македонија, станушината, која сака да ја издигне до препознатливост во пошироки рамки. Насадите на оваа мала бутик винарија, се наоѓаат под падините на селото Бегниште во Тиквешијата каде се лозјата од шест декари станушина и седум декари вранец, наследство од дедо му, а самата винарија се наоѓа во селото Сопиште во Скопје. Брушани е една од можеби само трите винарии во Македонија кои прават вино од сортата станушина. За својата винарија вели дека е направена со срце, душа и страст и доколку го сретнете Орце и ви ја раскаже својата приказна, ќе може да видите дека овој млад човек почнува да го живее на јаве својот вински сон.

  Како се одлучивте да влезете во винскиот свет и од каде љубовта кон виното?

   Секогаш сакам да кажам дека виното ми е во крвта. Тоа во мојата фамилија е уште од почетокот на 20тиот век, но не само тоа, спомените на моето детство кога моите родители ме носеа на лозјата, мирисот на почвата, на тревата, на листовите, на селото кое јас како градско дете ми делуваа многу егзотично, таму го доживував спокојот. И ден денес кога одам во тој правец, знам да го вперам погледот некаде во далечина и да се доведам во некоја сосема поинаква состојба.
   Инаку дома кај мене од секогаш се правело вино. Јас му бев верниот асистент на татко ми. Тoj од секогаш велеше дека кај нас дома стара ракија може да се најде, но старо вино не, тоа брзо испарува. Инаку моментот кога за првпат помислив дека би можел и јас нешто посериозно да направам беше кога ја имав во моите раце енциклопедијата од Оз Кларк. Но години подоцна, охрабрувањето од мојата сопруга и нејзината поддршка ме натера да започнам нешто што од секогаш сакав. Таа го направи она потребното во мене за да бидам доволно самоуверен дека можам. Во целава приказна некаде на полпат се придружи и мојот добар пријател Тим Роули, удомениот Англичанец во Македонија, па ете после 4 години се појавивме и на пазарот на виното.

               
 Со Бојан Попандонов, еден од енолозиte на винаријата    Vranec 2010 Unfiltered

  Колку е предизвик да се има винарија во Македонија?

   Поголем од тоа што мислев. Не е само да се направи, тоа можеби е најлесниот дел, тогаш уживаш, се внесуваш себеси и резултатот си доаѓа сам по себе. Но да се излезе на овој толку деликатен македонски пазар е нешто на што навистина треба да си сериозно подготвен. За жал ние како народ не сме најљубопитни консументи, секогаш сакаме да играме на "сигурно", па борбата за тој мал колач е голема но сепак јас сум уверен дека ние како винарија го имаме правиот тероар и соодветниот квалитет за да се докажеме дека можеме и умееме, само ќе треба да помине време и потребно е трпение, тоа е она што виното секогаш го бара од нас.

  Винаријата Брушани е релативно млада винарија која се посветува на сортите станушина, како единствената автохтона сорта во земјава, како и вранецот. Се водите од традицијата во правењето на вината?

Станушината е аманет од дедо ми. Во 1938-та тој го насадил лозјето кое сеуште дава род, додуша во многу мали принеси но тој е и тоа каков род. Неа ја одгледуваме биодинамички, во синтеза со природата, дури и орањето е со плуг и коњ. Ние сме презадоволни од иницијалните резултати и ќе се обидеме да докажеме дека не се залудни сите овие напори. За Вранецот, тој за сега ни е коњаницата. Веруваме дека е на исто рамниште со сите првокласни меѓународно признати сорти како Кабарнето или Ширазот. Веруваме во неговото одлежување во дабови бочви и тоа за сега дава одлични резултати. Вранецот ни е првото вино со кое излеговме на пазарот и за сега сме мошне задоволни од реакцијата на оние кои ја имаа шансата да го вкусат.

Традицијата е нешто што сите големи вински региони ја негуваат и ја користат во нивна промоција. Сметам дека ние ја имаме и тоа во големи количини. За жал, винската култура не ни е на најзавидно ниво, па оттука кај нас како во се така и кај виното се чека прво да успеете некаде надвор па да бидете тука признаени. Но како и да е во последните години има големо поместување на подобро па шансите да си најдете свое место во овој свет се се поголеми.

  Дали се согласувате дека вранецот треба да е заштитен знак за препознатливост на Македонија во винскиот свет или пак имате свои македонски фаворти за светската винска сцена?

Да, но покрај него сметам дека треба да изградиме имиџ и култ кон Станушината. Во една прилика, гостин во винаријата ни беше една личност од Италија од областа на руралниот туризам. За него Станушината е нешто што тој никогаш и со ништо не може да ја спореди. Тоа е уникатно дело кое мора да се промовира и да се стимулира. Таа е едно толку жилаво растеније кое многу ме потсетува на нашиот менталитет. И покрај се, сеуште е тука и се бори да биде признаено.

                           
             Во визбата на винаријата Брушани                      На Виноскоп со сопругата

  Колку оваа година им беше наклонета на винарите?

Ухх, не знам. Можеби оние кои се занимаваат со поголеми анализи би дале посоодветен одговор но сметам дека се движиме кон нагорна линија. Од аспект на временските услови за нас лично како винарија, малку не изненади пораната берба. Моравме да почекаме да созрее во вистинска смисла на зборот не само да има шеќери, па оваа година ќе го имаме и виното со највисок процент на алкохол.

  Кои се предизвиците на македонските винари и винарии и што би смениле во овој наш мал вински свет?

  Можам да говорам само во прво лице еднина, а тоа е дека по никако не смее да се ставаат во ист кош малите со големите винарии. Всушност, тоа е битка Давид против Голијат. Се сретнавме со толку административни пречки што беше доведено и прашањето дали воопшто да ја отвориме винаријата. Знаете, ние не можеме да имаме вработено лице кога производството е сведено на само 2-3 илјади литри вино годишно. Треба да бидеме оставени да се пробиеме на пазарот, да пораснеме како винарија. За сега поради сите тие пречки функционираме со загуби но се надевам дека тоа ќе се смени. Како за пример, во една Словенија постојат евидентирани повеќе од 2000 винарии, со сигурност сите тие немаат вработен енолог. Да се биде уште поапсурден, ние користиме експертиза и совети од дури тројца енолози, да не говорам дека јас самиот сум поприлично навлезен во овој свет и на секое вино го оставам главниот печат.

 Колку е битна винската култура и според вас, кој е вистинскиот начин за нејзино ширење во Македонија?

Сметам дека рестораните се правото место каде треба да се бара промената во концептот винска култура. Најпрвин да се симнат малку цените како би се зголемило консумирањето на виното, треба да имаат што поголем избор на вина, да се има винска карта. Знаете ние скоро и да немаме ресторан во кој има сомелиер кој ќе ви препорача вино, тоа во винска држава не може да се случи. Дури и новоотворани ресторани кои имаат некое меѓународно признание немаат сомелиер, ниту некоја значајна винска карта. Во секој случај сите настани од типот Виноскоп, Вино Фест итн се во полза на ширење на винската култура.

Можеби треба да се направи и некоја промена и кај нас винариите, но ние како винарија сме премлади за да на тоа поле "солиме памет". Може само да кажам дека имам големи замерки од аспект на инфраструктурата која ја имаме во државата за да се развие винскиот туризам. Знаете за да дојдете до некоја винарија најчесто поминувате низ многу лоши патишта, па луѓето ги отргнува од помислата да ги посетуваат. Но тоа е веќе друга тема...

  Дали вашиот сон е да правите вина кои ќе победуваат на вински натпревари?

   Мојот сон е да бидам сведок, но и активен учесник на денот кога Македонија ќе биде винска дестинација. Би сакал во меѓународните енциклопедии да има повеќе од 2-3 реда за нас или воопшто да не нема. Да бидеме барани и повеќе присутни во винотеките и рестораните низ светот.  Секако дека би сакал еден ден да бидам познат по тоа што некоја година сум добил трофеј на некој меѓународен настан, но тоа не е најбитното. Најбитното е да бидете тука, активни, присутни и да го правите тоа најдобро што умеете.
   Сметам дека ние го заслужуваме тоа иако има и многу работа пред нас. 

  Може ли да ни наброите неколку омилени вина од светот?

За жал кај нас не можеме да се пофалиме дека имаме голем избор на вина од светот, сепак често тркнувам до моите омилени продавници и купувам по некое вино, колку да си ја збогатам палетата. Како и да е, секогаш кога ја напуштам државата носам барем по едно вино дома. Ги сакам егзотичните па ете дома во мојот подрум го имам Chateau Мusar одлежано 7 години во француски дабови буриња, сеуште го немам отворено но имам еден момент кој го очекувам па ќе биде и тоа. Инаку повеќе би сакал да ги набројам винариите од каде би сакал да се напијам вино како Chateau Petrus, Chateau Montelena, Numanthia, Opus One, Saxum, Gaja итн..