Половина век посветен на виното

Пишува Ивана Симјановска

Пол Роберт Блум оваа година слави педесет години присуство во винскиот свет. Голем вљубеник е во балканските вина, кои долги години ги увезува во својата родна Холандија. Често патува и во Македонија бидејќи години наназад работи како увозник на македонски вина, и себе се смета за промотор на нашите вина во неговата земја. Пол е и долгогодишен вински судија, предавач на винската академија во Холандија повеќе од триесет години, и соработник на Хју Џонсон на неговата
Џебна книга за вино (Hugh Johnson’s Pocketbook Wine Book) и Светски вински атлас (The World Atlas of Wine)

Колку време сте дел од винскиот свет?

   Со вино професионално се занимавам од август 1965-та кога станав дел од тимот на Schermer Wijnkopers во градот Хорн во Холандија. Воедно, сопственик сум и на дистилерија и увозник на вино од 1982-та година. Со други зборови, оваа година славам половина век во винската индустрија.

   Во 1969-та година кога се отвори првиот југословенски ресторан, Опатија, во Амстердам, сопственикот ме праша дали би можел да го снабдувам со вина и алкохол од Југославија. Во компанијата каде работев, не беа баш среќни со овој избор, но јас некако успеав да ги убедам. Мојата прва посета на Хрватска се случи во 1961-та година, каде пробав локални вина, а потоа повторно се вратив со мојата фамилија во 1968та и престојував во Малинска на островот Крк. По некоја случајност, нашиот домаќин работеше во локалната земјоделска задруга, и откако ги пофаливме локалните вина, крушковац и истрабитер, тој не поврза со одговорните лица во Истравино во Ријека. Менаџерскиот тим од седуммина директори меѓу кои и познатиот проф. Иван Соколиќ, сакаа да знаат колку вагони би сакал да увезам, додека јас пак се обидував да направам зделка за неколку кутии за почеток.

  
Бројот на продавници за вино во Холандија, кои направија добра заработувачка од популарноста на југословенските вина, од ден на ден стануваше се поголем. Сепак, постоеја два правци/пазари- оној во Амстердам, со секундарни производи, и оној во Дизелдорф, кој го копираше првиот и кој подоцна беше искористен за да се "германизираат" вината кои беа флаширани во Германија. На овој пазар ние исто така нудевме и богат асортиман на квалитетни вина и алкохол, онака како што беа познати во републиките на тогашна Југославија: плавец од Далмација, прокупец од Србија, жилавка од Мостар, грашевина од Словенија, малвазија, прошек и теран од Пазин, Истра, жлахтина од Врбница од островот Крк, поступ и дингач од Пељешац.

   Од 1975-та година почнав да организирам годишни посети на дистрибутерите како и на познати вински писатели и новинари во винариите во Хрватска и Словенија, вклучувајќи и посети на винскиот фестивал во Љубљана.

         
           1985-та година за време на винскиот натпревар Вино Љубљана
             со Јан фон Лисум, проф. Стане Терлеп и Јулиј Неманиќ  

   Во 1977-та бев поканет да го покажам своето знаење како вински дегустатор и судија во Љубљана. Проф. Д-р Душан Терчељ, Акос Асвани, Јанез Истенчин, Миран Водопивец, Жан Кретенант, како и многу други познати интернационални вински судии, ги прегледаа моите вински забелешки и констатираа дека имам дарба, и од тогаш, станав постојан член на жирито и судев на овој фестивал секоја година се до 1996-тата.

   Во 1980-та година јас бев тој кој го откри проблемот со агломоратните тапи (мирис на ST 11) и по тој повод професорот Терчељ организираше состанок со тогашните енолози. Но, бидејќи сите тие ги користеа овој вид на тапи, го игнорираа моето откритие бидејќи доаѓаше од холандски аутсајдер. Беа потребни десет години пред консументите од целиот свет да почнат да се сомневаат во квалитетот на ST11.

   Во 1982-та година, вранецот 1979 од винаријата “13ти јули” беше одбран за светски шампион и ние продадовме 20, 000 шишиња за три месеци.

Како се заинтересиравте за македонските вина?

За прв пат дегустирав македонски вина во 1974-та година на саемот во Љубљана, и бев воодушевен, особено од кратошијата. Иако дегустирав одлични примероци и ги оценив доста високо, за жал немаше победничко вино од Македонија. Во 1987та, кратошијата на винаријата Тиквеш стана шампион и успеавме да го увеземе првиот камион пред почетокот на винскиот саем во Утрехт. За три дена продадовме 30.000 шишиња со пробна етикета и од тој успешен почеток, стекнавме многу љубители на вино кои уживаа во ова вино кое доаѓаше од, до тогаш, непозната земја.

Долги години работевме со винаријата Тиквеш, па од 2010-та почнавме да работиме со винаријата Стоби и до сега имаме продадено 3, 000 000 шишиња од оваа винарија во продавници за вино и во ХоРеКа секторот во Холандија. Не сакавме да го копираме германскиот начин на презентирање на македонските вина на малите штандови во супермаркетите. Дури и за време на ветото кон Србија, и она од Грција кон Македонија, ние сепак продолживме да увезуваме македонско вино преку Албанија во Холандија.

        

Колку често патувате во Македонија и дали ги посетувате македонските винарии?

   Македонија ја имам посетено во многу прилики, но се имам запознаено со македонски винопроизводители и за време на Prowein и многу други саеми. Во текот на сиве овие години, увозот на македонски вина одеше доста добро, па немаше потреба да патувам во Македонија секоја година. Сепак, последниве години, ја посетив земјата дури пет пати и посетив големи и мали, познати или помалку познати винарии.   

Би можеле ли да ни обајсните повеќе за светската база на вински сорти V.I.V.C. и колку е таа битна?

    Дата базата на V.I.V.C. (Интернационален каталог на вински сорти) се наоѓа во Гајзервејлерхоф од 2007-та година, и е дел од институтот Јулиус Кун (J.K.I. Julius Kühn Institut Bunduesforschunsinstitut für Kulturpflanzen). Инаку оваа дата базата на V.I.V.C. www.vivc.de е најактуелниот извор на информации за вински сорти чии податоци се ажурираат неделно и истата е подржана од ЕУ и признаена од 47 познати институции за лозарство ширум светот.

    Барате информација за одредена сорта? Во делот на пребарување (database search) внесето го името на култиварот и кликнете на кодот (code) и ќе добиете информации- потекло, синоними и институциите кои ги имаат одобрено овие информации.

        

Колкаво е учеството на Македонија кога зборуваме за регистрирање на потекло на винските сорти и колку сорти се пријавени во светската база на вински сорти?

   Скромното присуство на информации од Катедрата за лозарство (MKD 01) е изненадувачко. Нема информации за институцијата како име, адреса, телефон, факс, имејл и нема веб сајт. Внесени се само 63 сорти, повеќето интернационални. Она што е зачудувачки е недостатокот на сортите со кои се гордеете како вранецот, кратошијата, прокупецот, станушината или темјаниката. Бившите југословенски републики ги имат внесено сортите преку соодветните институции (каде стои одговорно лице, контакт и адреса на институцијата). Колку за споредба- Србија (SRB 016) има внесено 339 сорти, Црна гора (MNE 001) дури 234, Хрватска (HRV 041 & HRV 048) вкупно 200 (вклучувајќи ги вранецот, плавецот мали и прокупецот), Албанија (ALB 017) само 15.

   Внесете го името вранец и ќе го најдете кодот # 13179, потоа кликнете на кодот и ќе најдете 17 синоними, одобрени од 17 институции кои ја имаат регистрирано оваа сорта вклучувајќи ги и САД (USA 028 & ZAT 01) додека единствено недостига кодот на вашата земја (MKD 01)- единствената која ја промовориа оваа сорта како национално богатство, а ја нема регистрирано.


   Сепак, вашата институција ја има внесено кратошијата (Kratošija Seedless) со кодот (#22963) која сеуште не е одобрена од ниту една друга институција. Но, знаеме дека кратошијата е директно поврзана со примитивото, црљенак каштелански како и зинафанделот и плавац велики, вински сорти кои се се повеќе предмет на интерес и пребарување на многу љубители на виното низ целиот свет.

   Разбирливо е дека лозарите за го продадат грозјето по повисока цена, го класифицираат како вранец, а не кратошија. Моето прашање е: каде исчезна целата кратошија од Македонија по нејзиното осамостојување? Поради строгите регулативи на ЕУ, имињата на сортите не смеат да се преименуваат, особено кога не се официјално регистрирани. Ние, со помош на холандските овластени институции, успеавме повторно да ја вратиме кратошијата на етикети на вината.

Имајќи ја можноста да ја набљудувате македонската винска сцена подолго време, може ли да ни дадете мислење за тоа колку таа се има променето и што би требале да направиме за да ја смениме на подобро?

   Постигнати се огромни позитивни промени во македонското винарство, особено во делот на производство на квалитетно вино. Јас сум вински судија од 1977-та година кога за прв пат судев во Љубљана, и до сега имам судено на безброј вински натпревари меѓу кои и оние во Солун, Винистра, а претседател сум на панелот судии на Mundusvini итн.

     
    На BIWC 2015 во Софија, Бугарија

   Се разбира дека и Македонија може да испраќа делегации на винопроизводители низ целиот свет за да одржуваат презентации, но првите чекори на прифаќање на македонските вина треба да бидат од страна на овластените лица. Индустриските вина мора да се натпреваруваат во цена на најниското ниво на пазарот за нефлаширано вино ( јас сун инаку и продавач и претседател во жирито).

   Лесно може да се направат промени со намалување на користењето на пестициди и приносот по хектар за да и во овој сегмент се постигне подобар имиџ и цени бидејќи не постои соодветен начин на промовирање на вина без географско потекло или попознати како глух (Glüh) вина.

   Најлесниот начин за промовирање на вината е да се повикаат консументите на слепи дегустации каде ќе се дегустираат вина од познати интернационални сорти (шардоне, сира итн.) како и вина од локални вински сорти.

   Во последниве години, анкетите покажуваат дека најуспешен начин на промовирање на вино е да го поделите своето винско откритие со пријателите. Ниту било каков попуст, ниту било какви оценки во винските списанија не можат да се споредат со ефектот кој го добивате и кој го користам откако почнав да ги промовирам балканските вина од 1970-тата па наваму. 

   Денес, сеуште сум активен вински професионалец, продавач и предавач на винската академија повеќе од триесет години, соработник на Хју Џонсон на неговата Џебна книга за вино (Hugh Johnson’s Pocketbook Wine Book) и Светски вински атлас (The World Atlas of Wine), ко-автор на многумина познати светски вински писатели, а чест ми е да споменам дека сум носител на титулата Vinoloog Honoris Causa на Royal of Ridder во редот од Oranje Nassau на кралицата Беатрикс. По ваква богата кариера, решив да ја напишам својата животна сторија во светот на виното, почнувајќи од 1957-та, кога имав четиринесет години, и започнав со винската авантура автостопирајќи низ Франција.

    Една од моите омилени изреки за виното е дека најдоброто винско грозје расте на најсиромашни почви, го берат најсиромашните луѓе, кои исто така го пијат тоа вино секој ден. Во ова е и магијата на виното!

   Ние сите имаме научено да читаме и пишуваме, но сме заборавиле да ги истренираме носот и устата да вкусуваат одредени елементи. И за крај, би сакал да наздравам на иднината на одлични вина од регионални сорти од Балканот која за мене е колевка на винарството.