Нови храбри винари, Ивица Стевковски и неговата Кувин винарија

          Mногу одамна еден винар ми има речено: “Никогаш не сум го сакал коцкањето се’ додека не се одлучив да купам лозје, отворам винарија и правам вино.” Да се биде храбар е одлика на оние кои се поразлични од останатите луѓе и кои имаат визија и љубов за она на кое сакаат да се посветат.
          Ивица Стевковски е посветен винар, сопственик на малата фамилијарна винарија Кувин кој, како и сите сопственици на новоотворени винарии во земјава, не престанува да се бори со сите предизвици со кои може да се соочи еден млад винар. Убеден е дека селото Кучково, каде што се наоѓа неговото лозје засадено со вранец, е едно од најидеалните места во Македонија за одгледување на оваа сорта. 

vino.mk: Ивица, сопственик сте на винаријата Кувин која е релативно млада винарија. Ќе може да ни’ кажете повеќе како се одлучивте на ваков чекор?

         Виновата лоза за прв пат е засадена во далечната 1964 година од мојот дедо. Неговата љубов кон лозјето, ја продолжил и ја негувал и мојот татко кој честопати велеше: „Виното може да им го помати умот на умните, мудрецот да го стори весел, а сериозниот насмеан“ – Хомер. Како дете воопшто не ја разбирав неговата мисла, но со растењето и созревањето, истата мисла ме поттикна на размислување да го претворам плодот од виновата лоза во боженствен пијалок. 
        
 Линк од веб сајтот на винаријата Кувин 
http://www.winerykuvin.com/

vino.mk: Како и пред колку време почнавте да се занимавате со винарството?

          Се најдов на крстосница помеѓу: „Одгледување и продажба на грозје“ – како моите предци или „Професионално производство на вино“ – отварање семејна винарија. Со поддршка од моите најблиски, донесов одлука да отворам фамилијарна винарија.

         Кувин е мала семејна винарија која е регистрирана 2015та година, иако се занимаваме со винарство од 2011та година. За да останеме верни на традицијата и историското наследство на регионот, нашата винарија своето име го доби според скопското село Кучково.

      

vino.mk: Дали винаријата Кувин поседува свое лозје, колку хектари и какви сорти се засадени?

          Поседуваме свое лозје од 0,6 декари, засадено со сортата вранец. Произведуваме ограничено количество вино од ова врвно грозје, произведено рачно на традиционален начин во Скопското виногорје. Лозјата лежат на 350м надморска висина во село Кучково, област Кучковски атар, месност викана Велеполе, локалитет Ломче односно ридестиот дел, така што грозјето може да се насладува со природните концентрирани вкусови кои потекнуваат од добро сувата посна почва. Овој регион дава услови за зреење на грозје во суви и топли лета и благи зими со просечно количество на врнежи. Уникатноста во вината кои ги создаваме ја пренесуваме од локалните и регионалните сорти. Сами ги произведуваме и ја негуваме префинетоста на нашите вина. Цели кон кои се стремиме во иднината се одржување на високото ниво на квалитет на нашето семејно вино.

 Исто така обработуваме 5 хектари во Виничкото виногорје на надморска висина од 600 метри. Лозовиот насад е релативно млад, 6 годишен и во добра состојба и дава одличен род, а е засаден со совињон блан, каберне совињон и мерло.

vino.mk: Кој е капацитетот и производството на винаријата ?

        Винаријата располага со капацитет од 20, 000 литри, додека производството варира и се движи од 10, 000 до 12, 000 литри годишно.

vino.mk: Кои се предизвиците со кои се соочува една мала фамилијарна винарија како Вашата?

          Да се биде сопственик на мала семејна винарија е голем предизвик. На ваква винарија, најчесто и требаат сопствени лозови насади, производство на квалитетно вино кое постојано ќе се испитува, вино кое ќе се обработува и негува со голема љубов и желба, но и добар пласман на пазар. Сето тоа може да биде напорно, но треба да се има на ум дека, субвенциите кои ги дава државата овозможуваат добар стимул, со зголемена желба за подобрување  на квалитетот како на грозје така и на вино. Без разлика колку да се „големи“, сепак помагаат за успешно одгледување на виновата лоза и производство на квалитетно вино. Треба повеќе да се верува на потребата од помош на државата, бидејќи никој друг не може да помогне освен таа.  

   
          Клучот за опстанување и одржување на мала семејна винарија е подадената рака од страна на државата - поддршката и финансиската помош. Имајте предвид дека малите семејни винарии имаат проблеми да најдат пласман на домашен пазар на сопствено производство на вино. Па затоа е добро да се знае дека треба „дома“ да се обезбеди добра реклама, на пр. „Пијте вина, не етикети“ или „Купувајте домашни производи“, како и брза продажба и лесна наплата.
           А надвор од границите? Зошто па да не? Учество на саем за вино каде што ние како мала винарија ке можеме да ги презентираме нашите вина.
Со уникатноста на вината кои ги создаваме, се стремиме да го одржиме високото ниво на квалитет, со кој ги задоволуваме нашите верни и лојални клиенти.

vino.mk: Кои вина до сега се излезени од винаријата и што може да очекуваме од бербата 2015та?

         Излезени се вината Vranec Barrique 2011, Cabernet Sauvignon Barrique 2011, Merlot Barrique 2012, а од белите Sauvignon Blanc 2015 и Temjanika 2015Од бербата 2015та може да очекуваме вина со одличен квалитет. 

vino.mk: Во кои ресторани и продавници во земјава може да се најдат Кувин вината во продажба?

          Кувин вината сеуште не се достапни во ХоРеКа секторот и во продавниците бидејќи сеуште сме во потрага по идеалните места каде да би ги дистрибуирале нашите вина.

Пишува: Ивана Симјановска