Јасна Марина Кинезе- жена сомелиер и вљубеник во виното

   Јасна Марина Кинезе е Македонка која веќе осум години живее и работи во Италија каде ја има таа можност да ги спои професионалните обврски, со своите лични пасии, и да ужива во откривањето на нови вина, вински стилови и вински региони. Таа е дипломиран сомелиер при Здружението на сомелиери на Италија, страствен љубител на виното, пасија која ја наследила од својот татко и која по игра на случајности, прераснала во професија- како што и вообичаено бидува со сите оние кои ја имале таа среќа да "залутаат" во светот на виното. 
 
    Јасна, веќе подолго живеете во Италија и сте дел од тамошниот вински свет. Ќе може ли да ни раскажете повеќе за вашите почетоци во светот на виното и како се роди таа пасија.
   - Мојата пасија кон виното најверојатно започна со мојот татко кој осекогаш сакаше (и сеуште сака) да пие добро вино. Во Скопје тогаш немаше, барем јас колку што знам, голем интерес за квалитетно вино и тој го користеше секое патување надвор од земјата да купи вино, успевајќи да создаде сопствена мала винска колекција во главно од француски и шпански црвени вина, кои се негови омилени. Така и јас почнав, заедно со него, да пробувам и дегустирам, но без некоја прецизна идеја дека тоа би можело да прерасне во нешто сериозно. Во 2007 година имав веќе некоја идеја дека би сакала да се запишам на курс за сомелиери, но во тој момент не наидов на квалитетна понуда. По игра на случајности, истата година го запознавам мојот иден сопруг и во 2008-та година се преселувам во Италија. Тука ми се отвара цел нов свет! После само три месеци од моето доаѓање, со сеуште недоволно познавање на италијанскиот јазик, се запишувам на курсот за сомелиери на АИС (Associazione Italiana Sommelier- Здружение на сомелиери на Италија).
 
     Ќе може ли да ни кажете повеќе за вашата инволвираност во светот на виното и што поточно работите?
   - Дипломирав за сертифициран сомелиер на АИС во 2011-та година, и од самиот почеток активно учествувам во сите активности на здружението во регионот каде што живеам (Фриули- Венеција Џулија), особено во делегацијата на градот каде што живеам, Горициа. Имам среќа да живеам во центарот на Колио (Collio), каде што се произведуваат едни од најдобрите и најквалитетни италијански бели вина. Истовремено работам и како купувач (селекционер)/продавач на вино во една енотека во Горициа.
 
   
 
    Колку дипломата на сертифициран сомелиер Ви помогна да се стекнете со потребните познавања од светот на виното и колку е битна доколку сакате да работите како сомелиер?
   -Курсот се состои од 3 нивоа во кои се опфатени сите можни аспекти, од енологија до работа на терен и во винарија, до проучување на сите позначајни вински зони во светот, со посебно внимание на она што според мене е столб носител за секој сомелиер, техники на дегустација и спарување на вино и храна. Дипломата се добива после многу строг писмен и устен испит плус дегустација на “слепо“ на едно вино пред комисија од искусни колеги. Со завршувањето на курсот и дипломирањето се отвараат многу врати, бидејќи побарувачката за професионални лица во светот на виното е секогаш голема. Според мене, еден професионален сомелиер никогаш не треба да престане да го надградува своето знаење и треба секогаш да биде љубопитен и да пробува нови нешта. Нашето здружение постојано нуди дегустации, посети на винарии, како и различни мастер програми.
 
    Дали бројот на жени сомелиери во Италија бележи раст во последниве години?
   -Интересен факт е дека, барем на курсевите на АИС, има многу повеќе жени, што според мене е многу важен индикатор дека нештата се менуваат во светот на виното кој отсекогаш се смета(л) за машки свет. Јас и моите колешки сме горди на нашиот придонес!
 
    Во што е тајната на успехот на италијанските вина во светски рамки?
   - Разновидноста, секоја регион има свои автохтони вина, високиот квалитет, начинот на презентирање, а голема улога игра и шармот и имиџот на Италија како земја во која се јаде и пие најдобро на светот (и тоа е вистина!). 
 
    Дали би можеле да ни издвоите кои вина ви се најомилени, поточно од кои италијански вински региони и колку Италијанците конзумираат вино?
   - За разлика од моите почетоци кога омилени вина ми беа црвените, сега пасија ми се белите вина! Секако би ги издвоила белите вина од Фриули како Friulano и Ribolla gialla од Collio, кои се автохтони во зоната каде што живеам, како и Vitovska и Malvasia од Carso triestino (карстна зона над Трст). Го обожувам и Gewurtztraminer од Trentino-Alto Adige, а како вино омилено ми е Pinot Bianco кое според мене е најелегантно, но и многу потценето вино. Има примери на совршени  Pinot Bianco во  Collio, како тие на Doro Princic и Picech. Од црвените вина, не може а да не се споменат оние од Chianti Classico во Тоскана, како и црвените вина од Сицилија. Во последно време се приближувам до тнр. природни вина, кои се одгледуваат без додатоци на хемиски средства и сулфити. Полека но сигурно си го наоѓаат своето место на пазарите, најверојатно затоа што се’ повеќе луѓето внимаваат на она што го внесуваат во своето тело. Според последните податоци, Италија пие се’ помалку вино, но со повисок квалитет. Меѓутоа, регионот каде што живеам јас е познат како еден од најголемите консуматори на вино, нашиот придонес е висок :) Како што во Македонија се излегува со пријателите да се пие кафе, тука се пие вино!
 
     Дали Италијанците знаат  Македонија како винска земја и македонските вина? Дали нашите вина може да се најдат во Италија?
   - Македонија овде не е позната како производител на вино, а според мене е многу тешко да се влезе на италијанскиот пазар, со оглед на огромната локална винска понуда, а и потрошувачите се прилично “размазени“, навикнати на одредени вина и земји. Сепак, секогаш има интерес за пробување на нови производи, така да македонските вина би можеле да се понудат како “егзотични“, како што беше случај со грузиските вина пред некоја година, никој немаше слушнато ниту за земјата ниту пак дека истата произведува вино, а сега се среќаваат често. Потребен е квалитетен и target oriented маркетинг. 
 
     Колку сте запознаени со винската индустрија во Македонија и што мислите за квалитетот на нашите вина? 
   - Од македонските вина добро ги познавам тие од винаријата на Тиквеш чија винарија имав можност да ја посетам пред неколку години и кои многу ми се допаѓаат. За жал, слабо ги познавам останатите производители, иако следам што се случува на македонскиот вински пазар, следејќи го и овој вински портал.
 
     Колку често доаѓате во Македонија и што е она што би го издвоиле од вина, она што ви се допаднало најмногу?
   - Во Македонија се трудам да дојдам барем два пати годишно, кога ми дозволуваат работните и семејните обврски. Секогаш со задоволство пијам ’ркацители (мојата тајна пасија) и вранец.
 
    Кои се вашите идни планови и дали ќе продолжите да работите во винската индустрија?
   -Идните планови секако го вклучуваат виното во сите негови нијанси, и како некој кој е инволвиран и работи со вино, но и како консумент. Многу сакам да пробувам нови и за мене непознати вина, често посетувам и винарии, во Италија и надвор, кога имам можност сакам да излезам и на терен, да учествувам во кроењето на лозјето или при гроздоберот. Светот на виното е пребогат, треба само да се има желба и пасија! Кој знае дали еден живот ќе биде доволен да се види и да се проба сето она што го нуди!
 
 Фотографии- приватна архива на Јасна Марина Кинезе
 Пишува- Ивана Симјановска