Dalmacija Wine Expo 2014

 Dalmacija Wine Expo 2014, Split

Во новотворениот Radissonu Blue во Сплит, од 24ти до 25ти април, се одржа петтото издание на Dalmacija Wine Expo 2014, во организација на познатиот хрватски вински критичар, Саша Шпиранец и неговиот тим.  Програмата на овој фестивал, од година во година е се’ побогата и поинтересна. Освен изложбата на вина, каде се претставија винарии од Хрватска, Македонија и Словенија, беа организирани и предавања, работилници, Perfect match, Ѕвезди на кујната, се бираше најдобар ресторан во Сплит, а сето ова беше одлично заокружено со винска забава...

  Како дел од ова издание беше и мојот мастер клас насловен “Нова Македонија” каде ја имав таа чест да ги претставам едни од најдобрите вина од Македонија- Vrenac 2010 Barrique на винарија Брушани, Temjanika 2013 и Vranec Terroir Grand Reserve 2011на винаријата Шато Камник, Chardonnay Barrique 2012, Aminta 2011, Merlot Barrique 2011 и Vranec Veritas 2011 на винаријата Стоби, Bela Voda White 2012 и Bela Voda Red 2011 на винаријата Тиквеш, Stanušina Blanc 2013 и Vranec Perfect Choice 2012 на винаријата Попова кула.
   За дел од предавачите на фестивалот беше организиран press trip низ неколку од винариите во Далмација, за чија беспрекорна организиција беше одговорна Ирина Бан.   

                                Винарија Јако, Стина, Бол на Брач
                                            Стина, За инспирација

    До винаријата Јако вино тргнавме најпрво со траект од Сплит до Брач. Пред да ја посетиме винаријата, нашите домаќини не’ однесоа до првата локација на лозја, наречена Грабица, каде се посадени 50 хектари нови насади на пошип и вугава. Она што некогаш било брдо каде вирееле грмушки, денес е место каде се одгледуваат најдобриот пошип ( автохтона сорта од островот Корчула) и вугава ( сорта која даѓа од островот Вис) во земјата. Со помош на специјални машини, каменот (стина) се дроби и потоа се меша со земја како би се задржала влажноста, а истовремено лозовите насади се штитат бидејќи каменот создава рефлексија од сонцето. Почвата е воглавно варовник, а лозовите насади се наоѓаат на надморска висина од  420-550 m. 
   Островот Брач е познат и по одгледување на винова лоза, посебно плавац мали, на јужната страна на над населбата наречена Мурвица ( Дубов долац), која беше втората локација која ја посетивме и која се наоѓа 10 km од самата винарија, каде се посадени 40 000 лози плавец мали. Лозовите насади се наоѓаат на стрмнина која достигнува агол поголем i од 45°, каде се изградени камени подзиди, без употреба на арматура и бетон- реконтрукција која е започната во 2010тата година. Џипот кој го возеше нашиот искусен возач и водич, јуреше по стрмното брдо, на кривулест пат кој беше толку тесен, што стравував дека може да се превртиме во секој момент. Неверојатниот поглед од самиот врв каде се наоѓаат виноградите, вредеше за сиот претрпен страв.
   Кога се спуштивме до винаријата, која се наоѓа на самиот брег на Бол, нашиот домаќин Џери, не' поведе на тура и воедно ни’ ја прераскажа историјата за оваа винарија. Виното кое се произведува е под брендот Стина, кое пак е името на белиот камен кој потекнува од овој остров и кој векови наназад бил инспирација за писателите, сликарите, вајарите и поетите кои живееле или доаѓале на островот за да творат. Мотото на винаријата е “Стина, За инспирација”. Винаријата Јако вино е основана во 2009тата година, кога Јако Вино ДОО го закупува винскиот подрум од Земјоделската задруга Бол. Оваа винарија поседува лозја каде се одгледуваат 14 вински сорти, најмногу бели, а имаат и Tempranillo, Shiraz, Merlot, Crljenak Kaštelanski и Alicante Bouchet. Енолози на винаријата се Лео Грацин и Рикард Петрич. Ја имав таа можност да ја дегустирам целата палета вина на оваа винарија, која има доста интересни етикети- на бела основа се втиснати името и брендот на винаријата, како и сортата и името на виното.  

 

Stina Opol Rose 2013 ( плавец мали)- Мирис на бели и црвени млади цреши и ванила, и доста елегантна структура со изразени ноти на јагода.
Stina Za Inspiraciju Stina 2012 Cuvee- (шардоне, вугава и пошип)- Мирис на личи, зелена банана, а вкусот е со ноти на ванила, кајсија, праска, даб, со изразени, но балансирани киселини.  
Stina Za Inspiraciju Vugava 2012, ( Остров Вис)- Мирис на пишкоти и зелени праски, вкус на цитрус, морска сол и изразена минералност, како и бели зачини од кои доминира белиот бибер.
Stina Pošip 2012, ( Корчула) – Бели цветови и зачини, вкус на краставица, свежи киселини, елегантна структура и полно тело.
Stina Pošip 2013 ( Брач) – Мирис на пулпа од младо дрво, ванила и суви зачини. Алкохолот е поприлично висок, но со добар баланс. Потенцијал за стареење од пет до шест години.
Stina Pošip Majstor 2012 Barrique (Брач)- Свежина и мирис на праска и ванила, со комплексен и елегантен вкус со ноти на пире од костени и јаболко.
Plavac Mali 2010 Barrique (Брач)- Мириси на капина  црн бибер. Елегантна структура со вкус на темно презреано овошје.
Stina Plavac Mali Majstor 2010 (Брач, Бол)- Мирисни ноти на мед и зрели цреши. Вкусот изобилува со ноти на црвено овошје, а танините се меки.
Stina Plavac Mali Remek Djelo 2009- Вино кое се прави само кога годината е исклучително добра. Се бира само најдоброто грозје од четири локации. Палета на мириси на сушено црвено овошје, тутун, боровница, со полно тело. Танините се фини и свиленкасти, а послевкусот е елегантен.
Stina Crljenak Kaštelanski 2011 (Брач, Постира)- Крајно рафиниран вкус со ноти на парфем и љубичици.
Stina Prošek 2010- Десертно вино со ноти на Гриоти бомбони.

                                     Винарија Саинтс Хилс, Пељешац, Далмација
                                           Вински рај на врвот на Пељешац

  Посетата на винаријата Саинтс Хилс беше подеднакво интересна, како и патот до самото место. Додека Саша Шпиранец возеше искачувајќи се, можев да ја набљудувам природата на Пељешац- прекрасен полуостров, со високи ридови, околу чии врвови се беше замотала утринска магла. Кривулестиот пат не' однесе до првите лозја локацијата наречена Дингач, каде се одгледува еден од најдобрите плавци во Хрватска. На оваа позиција се засадени вкупно 60 хектари Плавац мали, а почвата е минерална со големо количество на железо.
    Сопствениците на оваа винарија имаат бирано клонови на Плавац мали кои ги калемеле на веќе постоечки лози. Во текот на една година, лозите достигнале длабочина од речиси десет метри. Интересно е што зрната на оваа сорта не созреваат подеднакво на самиот грозд, па луѓето од оваа винарија се потрудиле да ги изберат клоновите чии зрна созреваат подеднакво. Плавецот е познат по тоа што може да издржи сурови временски услови. Во оваа винарија не се користат иноксни садови, туку садови од бетон каде виното ферментира.

   Винаријата Saints Hills е стара речиси четири години. Она што секако е посебно интересно е што консултант на оваа винарија е светски познатиот Мишел Роланд, кого соствениците на оваа винарија, Ивана и Ернест Тољ, го сметаат за дел од своето семејство. Лозјата се именувани по нивните деца- Луција, Роко и Анте.

 

Saints Hills Rose 2013 Plavac Mali ( Лозја Sv. Lucia, Дингач, Пељешац) – Свежина која се детектира уште на мирис со ноти на цреши и јагоди, а вкусот е полн, со послевкус кој е долг и полн со свежина, каде доминираат ноти на свежи јагоди. Произведено со sanguine метод, а може да се најде само на локалниот хрватски пазар. Преостанати сее само уште 2000, од вкупно 8000 флаши.
Saints Hills St. Roko 2011 ( Лозја St. Roko, Комарна, 
Пељешац)- Грозје берено кон крајот на септември, почетокот на октомври, од позицијата Комарна, 200 m надморска висина, каде се наоѓаат лозјата на седум винарии и каде почвата е 85% варовник. Лозјето е старо пет години, а ова е втора берба. Мириси на зачини, црвена пиперка. Вкусот е елегантен- капина, диви јагоди, зачини, . . . 
Saints Hills Dingač 2010 (Лозја Sv. Lucia, 
Пељешац)- Мирис на ситно црвено овошје. Вкусот е комбинација од ноти на боровница, оригано, тутун, а танините се свиленкасти. Послевкусот е елегантен.
Saints Hills Mala Nevina 2011 ( Лозја Sv. Ante, 
Пељешац и Истра)- Бленд од 30% шардоне и 70% малвазија која доаѓа од Истра. Мирис на лимон и цитрус, а вкусот е со мириси на бозел, праска, тропско овошје, . . .Вино во голем потенцијал на стареење.

           Винарија Корта Катарина
              Вино од Јадранот

   Спуштајќи се од ридовите на Пељешац, следното место кое го посетивме беше винаријата Корта Катарина, која во чија непосредна близина се наоѓа вилата Јеребиќ и лозјата на винаријата. Корта Катарина се наоѓа на самиот брег на Јадранското море. Грозјето за нивните вина доаѓа од локациите Дингач и Поступ на Пељешац, како и регионот Цара, на островот Корчула. Сопственици на винаријата се Ли и Пени Андерсон, а винаријата го носи името на нивната ќерка Катарина.

 

Korta Katarina Pošip 2008- Мирисот е интригантен- праска и бели цветови, а вкусот е со ноти на цитрус. Послевкусот е долг, со мала горчина на финишот.
Korta Katarina Plavac Mali & Zinfandel Rose 2009- Плавацот за ова вино доаѓа од локацијата Поступ на Пељешац.
Korta Katarina Plavac Mali 2007- Многу зачини, суво овошје, минерален вкус каде доминира морска сол.
Korta Katarina Reuben’s Private Reserve Plavac Mali 2006- Темно црвено- сина боја, комлексен уште на мирис. Комбинација на шумско овошје, тутун, ванила, . . .


          Винарија Милош, Пељешац, Поникве, Далмација
            Поезија во душа, поезија во чаша

   Винаријата Милош е семејна винарија која веќе три генерации произведува вино на своите 15 хектари лозје, каде е засаден плавац мали. Почвата е песочна и настанала на доломитни карпи. Во план и изградба се уште пет нови хектари. Лозјата се протегаат од Прапратно до населбата Поникве и се наоѓаат на јужните падини, каде лозите на плавац мали растат на почва во вид на жлебови која е длабоко профилирана и каде се изградени тераси од камен. Сопственикот на винаријата, Фрањо Милош, ни кажа дека филоксерата сеуште живее на тие простори бидејќи таа е во фрома на жолчка од јајце и не може да пројде низ каменот кој пак е како брусна хартија.
   Ја дегустиравме целата палета на оваа винарија, и ќе бидам храбра земајќи ги во предвид моите скромни познавања од плавецот, дека плавецот од оваа винарија е можеби најдобриот кој го имам пробано до сега.

  

Milos Stagnum Rose 2012 ( Plavac Mali)- вино добиено со природно цедење на цели гроздови.
Milos Plavac Mali 2009 Unfiltered- вино добиено со спонтана ферментација, користејќи автохтони сорти на квасец. Мирис на суви капини и свежина- бидејќи зрната на плавецот не созреваат подеднакво, на самиот грозд може да се најдат зрели, зелени, па дури и суви зрна. Овој плавец има елегантна структура и неверојатна свежина. Фрањо ни кажа дека во првите 6 до 7 години на нови лозја, воопшто не прават берба.  
Milos Plavac Mali 2006 Stagnum- Мирис на црни цреши и суви зачини. Вкусот е полн- зрела капина, а послевкусот е свеж, елегантен и долг.
Milos Plavac Mali 2003 Stagnum- Прекрсен нос на љубичици, суви медитерански зачини и црн бибер- година во која воопшто немало врнежи. Вкусот е палета од цвеќиња и овошје- ириси, цветови на цреша, свежина која е неверојатна, а послевкусот е долг со нагласени ноти на дренки.
Milos Plavac Mali 1994 Stagnum- Плавац мали стар 20 години! Уште во самата чаша ова вино беше како масло со темна сино-виолетова боја. Мирис на цреши, љубичици, божури, . . .Елегантен и совршен вкус- кедрово дрво, какао и медитерански зачини. Послевкусот е необично долг, комплексен, слоевит со ноти на рогушка, тутун, изобилие на црвено и темно зрнасто овошје како боровница, капина, . . . Џо Ахерн MW, која седеше до мене, само ми шепна: Ова вино е толку совршено, што ми навреа солзи на очи!
Milos Plavac Mali Stagnum desertni 2007- 16.7% алкохол и 16 gr остаток на шеќер. Вкус на течна чоколада, ликер од цреши, фина и полна структура. Грозјето за ова вино најпрво е сушено на самиот грозд, па потоа уште месец дена во простории обесено на коноп.

 Винарија Ризман, Далмација
 “Вредноста на трибидрагот е колку пола Цариград”

   Во винаријата Ризман, за прв пат се сретнав со трибидрагот, еден од родителите на вранецот. На времето се зборело дека вредноста на трибидрагот е колку пола Цариград, а јас се уверив дека биле во право. Освен трибидраг, Ризман одгледува и пошип, шардоне, виоње, плавац мали, зинфандел/ црљенак, темпранило и сира.  Лозјата се наоѓаат на позицијата Раба- Комарна, 60 км западно од Дубровник. Енолог на винаријата е Марко Шуман, чија цел е да ги скроти танините кај плавецот, а кај пошипот кој ферментира во дабови буриња да го направи истото со користење на крио масецерација.

 

Rizman Pošip 2013- Свежина, мирис на жолто цвеќе, зелени јаболка, а вкусот е со ноти на цитрус, зелен лимон и пријатни киселини.
Rizman Poship Nonno 2012- Вино добиено само од селектирано грозје, од лозја кои се само неколку години стари. Зрели праски, кајсии, ванила и дискретни ноти на тропско овошје. Прекрасна кремаста структура, а послевкусот е со нагласени ноти на горки бадеми. Од бербата 2013 се произведени само 900 флаши од ова вино.
Rizman Rusula Rose 2013 ( Комарна, Далмација)- Мириси на шумски јагоди, малини и рози. Полн вкус со ноти на ситно црвено овошје и пријатни и избалансирани киселини.
Rizman Primus Plavac Mali 2011 Barrique No1( Раба- Комарна, Далмација)- вино од селектирано грозје од сортата плавац мали, со мали приноси. Домиинираат ноти на зрело шумско овошје, како на мирис така и на вкус. Телото е полно, а структурата зејтинеста и елегантна.
Rizman Plavac Mali 2011- Суво вино со црвена рубин боја. На нос доминираат малини и кора од црвено јаболко, а вкусот е експлозија од овошје- калинка, боровница, чоколадо и зачини. . .
Rizman Tribidrag 2011- Архивско вино кое никогаш не е пуштено во продажба поради малите количини кои се произведени. Бојата е виолетова, а на нос се откриват љубичици и ситно црвено шумско овошје. Структура која е како сомот, со изразени ноти на боровница, суви лисја, тутун, избалансирана киселина и свиленкасти танини. Послевкусот е долг и повеќеслоен.
Rizman Tribidrag 2012- Од ова вино се произведени само 1764 флаши! Изразена виолетова боја, мирис на морска сол, компот од сливи, слатко црвено овошје, Вкусот е богат и кремаст со ноти на смоква, слатки зачини, а киселините се благопријатни. Медитернаско сонце во чаша вино!
Дел од палетата вина кои ги пробавме, беа и Rizman Pinot Sivi 2012, Rizman Sauvignon Blanc 2011 ( свеж, со мирис и вкус на тропско овошје, каде доминира ананасот) и Rizman blend 2011.